Куманово го доби дербито со БВК Коњаре, Шкендија Арачиново пресилна за ССК Нова, Бутел го важна победа!

Шкендија Арачиново забележа најубедлива победа од 10:0 на „фенерџијата“ ССК Нова на домашен терен, во меч каде двојни стрелци беа Шаиш, Беќири, Аземи, а по еден гол постигнаа Ќерими, Чилафи, Саљихи и Алији, во рамки на 19. коло од Трета лига – Север.

Дербито на колото го одиграа БВК Коњаре и Куманово кое заврши со триумф од 0:2 за лидерот Куманово.

Андреј Јовановски уште во 4. минута погоди за 0:1, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел Богдан Велиновски во 48. минута погоди за 0:2 со што лидерот имаше двојна предност. Натпреварот потоа бил прекинат околу 70-та минута, поради инциденти на теренот, па откако тензиите биле смирени натпреварот се доигра, а на крајот резултат од 0:2 станал конечен за триумф на екипата на Куманово.

Во официјалниот записник во делот на примедби на делегатот стои дека ќе следи дополнителен извештај, со што ќе има многу официјални и поточни информации што всушност тука се случувало.

Некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ со 6:0 ја декласираше Риниа, на меч каде Пеев и Петковски беа двојни стрелци, а по еден гол постигнаа Митев и Исмаиловски.

Екипите на Аеродром и Беса Влазрими одиграа реми без погодоци (0:0), а Петровец со 2:0 го доби Кадино на домашен терен откако Страхињиќ си постигна автогол, а во финишот Шутевски погоди за конечни 2:0.

Пехчево и Башкими Љуботен ремизираа играјќи 2:2. Голубов беше двоен стрелец за домаќинот, а за гостинот погодија Фетаи и Љутви.

Бутел на домашен терен со 5:4 забележа голема победа над фаворитот Фортуна. За домашниот тим Спасовски постигна хет-трик, а по еден гол постигнаа Цветковски и Николовски. За гостинската екипа по еден гол постигнаа Сефо и Османи, а двоен стрелец беше Авдулаи.

Во однос на табелата Куманово е лидер со 48 бодови, втор е Шкендија Арачиново со 47 бодови, трет е Еуромилк ГЛ со 42 бодови. Фортуна е на 4. место со 36 бодови, БВК Коњаре е петти со 33 бодови, Беса Влазрими е шеста со 30 бодови, седми е Кадино со 28 бодови, осми е Пехчево со 25 бодови. Башкими Љуботен е деветти со 21 бод, Риниа е десетта со 19 бодови. Аеродром е на 11-тото место со 18 бодови, место подолу е Бутел со 14 бодови, Петровец е претпоследен со 12 бодови, а на дното е ССК Нова без бодови.

Александар Ванев, М-Нет