
Конечно прв асфалтен слој утринава се постави и на најкоментираната улица во последните неколку денови. Граѓаните на улица Личка во Штип, од понеделник веќе ќе може да се движат по нова асфалтира улица на која веќе се поставени и водоводните приклучоци. Во денешната прилика Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов упати извинување на граѓаните кои живеат или транзитираат во овој дел од градот заради тоа што подолг временски период се движеле по раскопана улица.
„Денес се наоѓаме на улица Личка која практично неколку месеци беше раскопана и создаваше проблем на жителите од овој дел од градот. Сакам оваа прилика да се извинам на сите жители кои што со месеци чекаа завршување на оваа улица која во неколку фази се реконструираше. Најпрво се направи промена на водоводната и канализациона мрежа за да денес можеме да започнеме со поставување на првиот асфалтен слој во должина од 500 метри и во износ нешто над 4 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Штип“ – кажа Јорданов.
Со помош на вработените во Јавното претпријатие Исар, поточно одговорните во одделот за водовод и канализација за седум дена речиси половина од приклучоците се променија односно се поставија на соодветна длабочина. Доколку не се променеа овие приклучоци штетите ќе беа поголеми.
Инаку, на улица Личка работни активности почнаа да се изведуваат пред повеќе од два месеци кога претходната Власт започна со промена и поставување на приклучоци на повеќе од 30 семејства. Тогаш тие истакнаа дека за седум дена приклучоците се завршени и ќе се пристапи кон асфалтирање на улицата. Временски прилики не беа погодни. Со промената на Власта се установи дека приклучоците не се наместени на соодветна длабочина, истите се променија за по два месеци конечно да започне асфалтирањето на улицата Личка.
Лаура Стојанова М-Нет