Ковид одделот во Кочани затворен, бројот на новозаразени ковид лица намален

Интерното одделение кое работеше како ковид – оддел во Кочани е затворено. Како што информираат од кочанската болница, во последните 24 часа испишани се и последните два ковид пациенти со што во Кочани нема хоспитализирани лица кои се позитивни на коронавирусот и имаат потреба од болничко лекување.

Истовремено, намален е бројот на новозаразени пациенти на ниво на државата, како и бројот на реинфекции. Институтот за јавно здравје го објави неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во државата во периодот од 21 до 28 февруари.

Регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 39,5% во однос на минатата недела (n=6.120). Процентот на позитивност се движи од 13,1% до 24,2%, просечно 18,6%.

Тестирани се вкупно 19.217 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,9% во однос на минатата недела.

Процентот на позитивност се движи од 13,1% до 24,2%, просечно 18,6%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=951, 25,7%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=194; 5,2%).

Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 43,6% во возрасната група од 10-19 години и 43,5% кај лицата на возраст од 50-59 години.

Заклучно со 28.02.2022, вакцинирани се вкупно 870.405 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 849.727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142.201 лица.

Лаура Стојанова М-Нет