
Историја за фудбалот во Радовиш, Детонит Плачковица ќе игра бараж за влез во Првата македонска фудбалска лига.
Ова е најдобриот резултат во историјата на радовишкиот фубдал, Детонит Плачковица ја има златната генерација предводена од штипскиот стратег Иван Варадиновски, кој со овој клуб испиша историја откако клубот го обезбеди баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига.
Денес радовишани одиграа „нула“ во Гевгелија против Кожуф, а пак Арсими ремизираше со Осогово на домашен терен (2:2), со што радовишани на едно коло пред крајот и математички го заверија билетот за баражот кој може да ги одведе за првпат во историјата во фудбалската елита на Македонија.
Тренерот Иван Варадиновски во ексклузивна изјава за телевизија М Нет, рече дека се надева Радовиш следната сезона да гледа прволигашки фудбал.
„Со самото тоа што официјално обезбедиме бараж, ние како клуб и град испишавме историја, голема благодарност и честитки за играчите, управата и навивачите. Сега ни преостанува што подобро да се подготвиме за тој бараж натпревар и искрено се надевам дека градот Радовиш од следната сезона ќе гледа прволигашки фудбал“, изјави тренерот Иван Варадиновски за телевизија М Нет.
Капитенот на оваа златна генерација, Иван Настевски познат како Меси, во ексклузивна изјава за М Нет рече дека со многу пот и гинење на теренот за секој бод, стигнале заслужено да играат бараж.
„Радовиш има нови херои, овие момци испишаа историја ќе се бориме за пласман во првата лига. Иако на почетокот никој не ни даваше шанси да бидеме во првите три, но со пот и со гинење за секој бод на терен, и повеќе од заслужено ќе играме бараж. Не се оптеретуваме со баражот тоа ќе биде едно уживање за сите нас на кој ќе го дадеме најдоброто од себе. На чело со Варадиновски и играчите Радовиш има на што да се гордее“, рече Настевски за М Нет.
Детонит Плачковица сега со фокусот е на баражот, а во последното коло на домашен терен ќе игра против веќе новиот третолигаш Караорман. Можен противник за Детонит Плачковица за баражот е скопски Вардар и Брера Струмица.
Александар Ванев, М-Нет