
Ако го изгубиме Гоце ја губиме Македонија, а се губиме и самите како нација и народ. Под тематскиот наслов „Гоце е Македонија“ вчера се одржа трибина, односно историски час во Штип. Според претседателот на патриотскиот институт на ВМРО ДПМНЕ, Панов, целото население треба да знае дека Делчев не треба да го изгубиме за да ја зачуваме сопствената држава.
„Гоце не само што е татко на македонската нација, црвената линија преку која македонскиот народ и нација треба, не само ВМРО ДПМНЕ и патриотскиот, освестениот дел од населението, туку секој еден Македонец да разбере дека ако го изгубиме ние Гоце, ја губиме Македонија, и ние како народ нема да постоиме. Бугарите она што го прават сега со нас е исто како комшијата не само да ве уверува дека има односи со вашата сопруга и да го зборува тоа туку не уверуваат нас дека нашите сопствени деца ни се Бугари“ – вели Панов.
Гоце Делчев е симбол на нашата држава. Апостол на македонската револуционерна борба со траги кои се чувствуваат до ден денеска. Дека се губиме како народ ако го изгубиме Гоце Делчев посочува и историчарот Ников.
„Секоја нација, секој народ има истакнати настани и личности кои се симбол за тој народ. Македонскиот народ го има Гоце Делчев. Тој е апостолот на македонската револуционерана борба. Тој со своето дејстувување остави големи траги, траги кои до ден денеска ги чувствуваме и не случајно ова што се прави околу приграбувањето на животот и делото на Делчев. Ако го изгубиме Гоце Делчев, ја губиме историјата и нас самите како Македонци“ – додава Ников.
Историски час, односно трибина, освен во Штип ќе се одржи и во Општина Горче Петров. Ваквите настани се реализираат непосредно пред 4 февруари, денот на раѓањето на Делчев за кога е најавено присуство на поголема група граѓаните од соседна Бугарија во Скопје.
Лаура Стојанова М-Нет