
На исто ниво интересот за вакцинација на вакциналните пунктови во Штип и Кочани. Исто како и претходната недела, кога беше забележан зголемен интерес за прва доза, и на почетокот од оваа бројките покажуваат речиси ист биланс. Координаторите за вакцинација информираа дека и покрај ваквиот зголемен интерес имаат и доволно медицински кадар и доволно простор во здравствените установи, како и доволна количина вакцини.
„На вакциналниот пункт во Кочани имаме интерес за прва доза. До овој момент се вакцинирани околу 80 граѓани. Достапна вакцина ни е вакцината „Фајзер“. Имаме доволно медицински кадар за реализирање на процесот на имунизациј“, информира координаторот за вакцинација во Кочани, Иле Постолов. И
„На вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип вакцинацијата е на едно стабилно ниво. Минатата недела забележавме зголемен интерес за вакцинирање со прва доза, а бројките на дневно ниво се речиси исти. За прва доза доаѓаат околу 30-40 граѓани, додека најмногу до 100 доаѓаат за втора и трета доза. Во однос на старосната граница имаме различна структура, доаѓаат луѓе од различна возраст. Не е забележан зголемен или намален интерес кај луѓе од одредена возраст“, информираше координаторката за вакцинација во Штип, Дијана Коцева – Миланова.
Според информациите од Министерството за здравство, заклучно со 21 ноември вакцинирани се вкупно 822.751 граѓани, ревакцинирани се 789.905, а трета доза примиле 63.137 граѓани. 57% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 58% , а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација се вакцинирани, а 38% од популацијата во државата примиле две дози вакцина.
Ребека Спасова МНет