Изложба на фотографии на фото групата ,,Широк Агол“, вечерва во домот на културата во Штип

Втора годишна изложба на фото групата Широк Агол, вечерва од 19:00
часот во галеријата 22 на домот на културата Ацо Шопов во Штип. На истата ќе бидат изложени 37 фотографии кои ќе бидат организирани во осум авторски теми како
„Линии“, „Сведоци“, „Мото собири“, „Структури“, „Емоции“, „Рефлексии“, „Патувања“ и „Птици“. Секој автор од оваа изложба излегува со сопствена концептуална насока, создавајќи мини-колекции што ја истражуваат геометријата на градот, движењето, човечките моменти, природата и светлината. Изложбата обединува фотографии снимани на различни локации – од Штип до меѓународни патувања – прикажувајќи го погледот на авторите како централна точка на нивното визуелно раскажување. Главната идеја на изложбата е фотографијата да се доживее како избор и како авторски став, а не само како документ. Како што посочуваат самите тие, темите се процеси, а не крајни резултати – дел од визуелниот јазик што секој од фотографите го гради со години. Изложбата ги повикува посетителите да „читаат“ фотографии, да им дадат време, и да ја препознаат уметничката енергија што се создава кога блиските и далечните светови се спојуваат во лични визуелни приказни.

Иван Митев, М-Нет