
Во непосредна близина на локалитетот Аеродром на Пониква треба да биде изграден спомен обележјето за загинатите од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, кое ќе го носи називот Ангели. Техничкиот проект е изготвен од страна на Здружението на граѓаните 16 Март 2025 Кочани.
Станува збор за монумент со парковско уредување, ќе се постави вертикален метален столб со височина од девет метри. Дополнително ќе се изгради параклис, ќе се постават клупи и ќе се засадат дрва со придружно хортикултурно уредување.
Идејата за изградба на ова спомен обележје е на Тошо Антов, чија единствена ќерка настрада во трагедијата во дискотеката Пулс.
„Идејата за спомен обележјето е моја и тоа ќе биде единствено од таков вид во државата и пошироко, на толкава надморска височина. Ивона беше личност која секогаш помагаше и правеше сѐ за своите другарки, и затоа размислував да се направи нешто за тој кобен 16 Март, за неа и за сите останати кои трагично загинаа во пожарот“ – вели Антов.
Здружението добило согласност од страна на ЈПДП, од каде оцениле дека планот може да се реализира. Притоа се напоменува дека може да се обезбеди доволно простор за паркирање возила, како и за дополнително содржини во иднина.
Барањето за согласност е доставено и до Советот на Општина Кочани, по што општинската администрација треба да даде решение за поставување урбана опрема.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет