Здружението „Спаси живот“ Штип: Нема да се извиниме по изнесените закани за тужби

По прес конференцијата на градоначалникот на Општина Штип и генералниот директор на ветеринарната станица „Тодор Велков“ со писмена реакција излегоа и од здружението „Спаси живот“ од Штип. Од таму велат дека изјавите се тенденциозни и со намера да извршат притисок и да спречат во намерата да дејствуваat во насока на исполнување на законските обврски на Општина Штип и операторот ВСЦ Тодор Велков Куманово за заловување и третирање на бездомни животни.

„Во изминатите два месеци, до здружението секојдневно пристигнуваат пораки од граѓани кои содржат видеа од кучиња заболени од високозаразната болест штенечак, чијашто смртност е со 90% кај невакцинирани кучиња, што е случај со сите бездомни животни кои не се вакцинираат со петвалентна вакцина против заразни болест. Оваа болест последен пат била регистрирана на територија на Општина Штип пред 8 години, а сегашното појавување сомнително коинцидира со отпочнувањето со работа на новиот оператор од Куманово. Дополнително, локалните ветеринарни амбуланти, секојдневно се соочуваат со прием на животни (бездомни и домашни) заболени од оваа болест, информација која што можете да ја потврдите и од нивна страна. Самите вработени во ВСЦ Тодор Велков Куманово во телефонски разговор со активисти од здружението, како и граѓани кои ги барале за информација за нивните маалски миленици, потврдија дека имаат заловено кучиња позитивни на штенечак, кои починале во прифатилиштето. Истите овие луѓе се спремни да сведочат против обвинувањата за клевета и да ја понудат во прилог комуникацијата на увид.“

Од здружението велат дека и покрај тоа што од страна на градоначалникот била ветена соработка со овој оператор, истата не била никогаш остварена во договорениот капацитет. Тие се понудиле да ги преземат за лекување болните кучиња, наместо да бидат еутаназирани, но ниту едно од кучињата не било објавено јавно за вдомување. Додаваат дека нема да се извинат.

Здружението за заштита на животните „СПАСИ ЖИВОТ” Штип нема намера да се извини по изнесените закани за тужби за клевета од страна на градоначалникот на Општина Штип и ВСЦ Тодор Велков Куманово. Воедно, ги потсетуваме институциите и градоначалникот, дека за нивните функции се платени од НАШИ пари и треба да работат согласно закон, наместо да се занимаваат со покажување на моќ и да се тужат со активисти и здруженија кои им ја работат нивната работа бесплатно.“ – додадоa од здружението.