За првпат стари црковни книги изложени во штипскиот музеј

За првпат во штипскиот музеј се изложија стари црковни книги кои во изминатите 50 години се собирале во депото на музејот. Книгите – стари и по неколку века и во лоша состојба беа предмет на работа на вработените во музејот, за денеска и во наредните десетина дена да може да ги видат граѓаните во Штип.

„Морам да истакнам дека овие книги во последните 50 години беа собирани од црквите од Источниот дел од Македонија, поголемиот дел од Општина Штип, и беа во депото на Завод и музеј Штип и ние успеавме оваа година да ги селектираме и да подготвиме дел од нив. Направивме една изложба, иложени се повеќе од 30 книги, повеќето датираат од 17, 18 и 19 век. Најстарата книга е од 1721 и 1724 години. Овие книги се во многу лоша состојба, но ние успеавме со мала интервенција да ги селектираме и изложиме.“ – вели Штерјов.

Старословенска писменост се користела во манастирите и црквите, а за тоа потврда се изложените книги, додава Штерјов. Посочува дека има уште многу книги кои треба да бидат конзервирани, но недостасуваат луѓе кои би работеле на оваа тематика. Како проблем ова се провлекува со години и не само во Штип дециден е Штерјов.

„Ние како установа, не само ние цела Македонија се соочува со проблемот оти немаме конзерватори за книги, монети. Оваа конзервација со книгите е многу специфична, бара стручност, во Македонија има неколку луѓе кои работат на оваа проблематика. Треба да се работи на решавање на оваа проблематика“ – додава Штрејов.

Изложбата која денеска се отвори во штипскиот музеј е по повод утрешниот празник посветен на сесловенските приосветители светите браќа Кирил и Методиј, а е дел од проектот на штипскиот музеј со Министерството за култура.

Лаура Стојанова М-Нет