За асфлат се подготвува улицата „Кочанска“, една од петте во населба Дузлак

Улицата „Кочанска“ во штипската населба Дузлак денеска се подготвуваше за асфалт. При увидот на градежните работи, градоначалникот Јорданов посочи дека станува збор за улица која не била реконструирана повеќе од три децении, а е една од петте улици кои добија или ќе добијат нов асфалт во оваа населба.

„Станува збор за улица којашто 30 – 40 години не била реконструирана. Претходно ги реконструиравме улиците „Белградска“, „Скопска“ и „Светиниколска“ во истата оваа населба, а по завршувањето на оваа улица, нашата цел е да ја асфалтираме и последната улица во населба Дузлак, а тоа е улица „Загребачка“. На тој начин ќе ја подобриме постоечката инфраструктура во оваа населба Дузлак, којашто со години наназад била заборавена. Временските прилики ни дозволуваат не само во оваа населба, туку да продолжиме и во останатите населби од општина Штип со асфалтирање, со реконструкција на улиците и директно вложување во патната инфраструктура“, истакна градоначалникот Јорданов.

Во однос на финансиското вложување, Јорданов додаде дека станува збор за инвестиција од општинската каса, чијашто вредност ќе се знае по завршувањето на градежната работа.

„По завршувањето на оваа рехабилитација на улицата точно ќе го презентираме износот и висината на финансиските издатоци коишто ќе бидат одвоени од Буџетот на Општина Штип“, додаде Јорданов.

Претходно во населбата Дузлак асфалт добија три улици во должина од 5.930 метри со пари обезбедени од Буџетот на Општина Штип.

Ребека Спасова М-Нет