Затворениот базен во Штип е под ревизија, министерот Ристовски истакна дека сепак истиот ќе биде завршен по ревизијата!

Затворениот базен во Штип, како и големиот затворен базен во Охрид се по ревизија, истакна министерот за спорт Борко Ристовски, кој додава дека по завршувањето на ревизијата сепак истите ќе бидат завршени односно ќе бидат доградени.

„Сите оние базени кои што се почнати вклучувајќи го големиот базен во Охрид, морам да напоменам дека се под ревизија затоа што, јас не би сакал како човек кој што доаѓа на пола од работите, не се ни пола, завршени се околу скоро сите базени околу 20% изградени, 20 до 30 проценти највеќе. Така да, јас можам да најавам дека ќе се направи комплетна ревизија, па потоа да можеме донесуваме одлука да направиме линија што е сработено, дали е сработено правилно, дали е сработено по законите, а потоа ќе ги донесиме одлуките. Меѓутоа, нешто што е почнато не можеме да го вратиме назад, ќе го завршиме, меѓутоа морам да напоменам уште еднаш дека сетоа тоа ќе го направиме по завршувањето на ревизијата“, рече министерот Ристовски.

Камен-темелникот на затворениот базен во Штип беше поставен во февруари 2020 година, а од тогаш изградбата тапка во место. Како што истекна министерот Ристовски, по завршување на целосната ревизија ќе се утврдува што е сработа и колку е сработено, но додава дека тоа што е започното ќе се заврши.

Штип има млади и успешни пливачи, кои поради немањето на затворен базен, во зимскиот период од годината мораат да тренираат во Скопје. Со добивањето на затворениот базен во Штип значително ќе се зголеми и интересот за триатлонот како спорт.

Александар Ванев, М-Нет