
Општина Штип почна постапка за добивање на право на сопственост за објектот Дом за стари лица, кој е изграден до фаза на карабин. Изградбата на објектот почна пред десет години, но поради незапзување на процедурите беше прогласен како дивоградба, а градежните активности се запрени. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова изјави дека документите се доставени до Владата и сега го чекаат одговорот од институциите, со што какошто вели треба да бидат решени имотно-правните прашања околу објектот.
-Со оглед на тоа што, во периодот кога почнал да се гради Домот за стари лица во Штип, не постоела планска документација, а во меѓувреме е изготвена и одговара на изгледот, на габаритот на објектот, се надеваме дека со тоа ја откочивме постапката и ќе може да продолжи понатаму со градба, вели Шорова-Ангелова.
Во изградбата на Домот за стари лица инвестираше Здружението на пензионери од Штип, кој треба да е на површина од околу 3.000 метри квадратни. Шорова-Ангелова посочува дека откако ќе завршат постапките следено е да се направат нови пресметки за целосна изградба на Домот за стари лица.
-Се уште немаме направено такви пресметки. Располагаме со проектот со кој е аплицирано во систеемот за добивање на одобрение за градба.Меѓутоа доколку има потреба од ревизија на истиот, се разбира дека ќе биде направена, изјави Шорова-Ангелова.
Домот за стари лица во Штип треба да биде со капациет за 120 лица, а во источниот регион само во Берово има ваква институција, во која се згрижуваат старите лица.
Лаура Стојанова, М-Нет