Започна вакцинацијата во домашни услови, спуштена и границата за вакцинирање на деца

Од денес започнува вакцинацијата во домашни услови. Сите граѓани кои од какви било причини не можат да дојдат на вакциналните пунктови можат да бидат посетени во своите домови со пријава, ден – два претходно.

„Започната е и вакцинацијата во домашни услови за сите оние граѓани коишто не се во можност да дојдат на вакциналните пунктови било од здравствени или од други причини. Тие можат слободно да се пријават во просториите на Салата „Јордан Мијалков“. Сите ќе бидат евидентирани и вакцинирани со прва доза во домашни услови“, истакна Иле Постолов, заменик координатор за вакцинација.

Од оваа недела започнува и имунизацијата на деца под 16 години, за разлика од минатата недела кога се вакцинираа деца од 16 и 17 години. Одзивот од оваа возрасна група беше мал, а засега нема информации за заинтересирани од новата возрасна граница.

„Вакцинацијата на деца со прва доза се одвива во просториите на Здравствениот дом“, посочи Постолов.

Инаку, вакцинацијата со прва доза се врши во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, а ревакцина се прима во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Засега бројот на заинтересирани за вакцинација е задоволителен, а граѓаните најмногу доаѓаат во утринските часови поради пониските температури.

„Во моментов се одвива ревакцинација во Салата „Јордан Мијалков“. За денес имаме закажано 300 пациенти за ревакцина со вакцината „Синовак“, којашто во моментов е единствена достапна“, потенцираше Постолов.

Според информации од Министерството за здравство, од вкупно 330.320 граѓани со примени две дози вакцини, само 96 се случило да се заразат по вакцинирањето, што се само 0,02%. Поради тоа од таму апелираат на масовно вакцинирање и потенцираат дека вакцините се единствен начин да се заштитиме и да го вратиме животот целосно во нормала.

Лаура Стојанова МНет