
Синоќа во 76 година од животот почина универзалниот штипски спортист Костадин Хубрев. Роден во селото Ерџелија во 1945 година, потекнува од Егејска Македонија а во Штип доаѓа да живее во 1949 година и тоа во тогаш познатото „Радничко школо“ или денес покрај трговскиот центар. Уште како пионер започнува со гимнастика и атлетика во ДТВ „Партизан“ за да во почетниот период се закити и со првите успеси. На државното првенство во Велес првото место во Вишебој го освојува Ане Зенделов а втор беше Костадин Хубрев. Спортските борилишта се редат едно по друго, продолжува како голман во ракометот за да паралелно брани и на голот на ФК „Брегалница“. Малкумина знаат дека Костадин беше и мошне успешен борач на „Балканец“ и не ги криеше пофалните зборови за еден борач кои штипјани го подзаборавија а тоа беше Рамиз Тефиков. Со носталгија ја прераскажуваше финалната борба за државен првак кога Тефиков беше на работ на првиот пораз во кариерата, но само младоста и неискуството беше преломно Костадин во финишот да загуби и да биде на второто место. Беше фудбалски судија, со години беше на чело на ФК „Астибо“ и како успешен бизнисмен водејќи ја компанијата „Ваго“ често помагаше на разно – разните спортски екипи и спортски манифестации . Нека му е вечна фала и слава, нека почива во мир и нека Господ – Бог му подари царство небесно.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk