Заканите врз градоначалникот Јорданов предмет на партиската преписка меѓу власта и опозицијата

СДСМ ги осудува заканите по живот на градоначалникот, но прашува до каде се решенијата на проблемите, а не внатрепартиските проблеми во ВМРО-ДПМНЕ. Повикаа институциите да го решат случајот, ама прашуваат дали постапките се нормални, бидејќи партијата била позната за ваков начин на решавање на проблемите.

„Во врска со вчерашниот настан за оштетениот автомобил и заканите по животот на градоначалникот Иван Јорданов, најпрво СДСМ најостро го осудува ваквиот чин и ги повикува надлежните да го расчистат случајот.

Но, овде се провлекуваат неколку прашања:

-Дали се работи за внатрепартиска пресметка во ВМРО-ДПМНЕ?

-Дали јавноста треба да ги смета за нормални овие постапки, бидејќи ДПМНЕ е позната по ваквиот начин на решавање на внатрепартиските проблеми?

Општина Штип и граѓаните, очекуваат решавање на нивните проблеми, како и реализација на ветените проекти, а не да бидат сведоци на тапкање во место на Општината, поради внатрепартиски проблеми во ВМРО-ДПМНЕ.“ – стои во реакцијата од СДСМ.

Од ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип, пак, посочуваат дека неморално и безидејно е да се занемаруваат заканите по живот врз градоначалник на сметка на дневната политика.

„Лицемерието, хипокризијата на безидејната СДСМ во Штип не престанува. Закани за животот на институцијата Градоначалник да се минимилизираат за дневна политика, во најмала рака е неморалност и безидејност. Видливата корупција и криминал во Владата предводена од ДУИ, а подржана од СДС, не се покрива со обид за манипулација на прес-конференција.“ – одговорија од ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип.

На обвинувањата од СДСМ, од Општина Штип во писмена реакција напишаа дека законите треба да се почитуваат и важат за сите подеднакво без разлика на партиската определба.

„СДС сѐ уште се заглавени во партиската матрица и за жал не можат да сфатат и разберат дека Градоначалникот на Општина Штип е Градоначалник на сите граѓани и работи за благосостојба на сите граѓани, па согласно тоа и законите треба да се почитуваат и да важат за сите подеднакво, без разлика на партиска или било каква друга определба.“ – одговорија од Општина Штип.

Ребека Спасова М-Нет