
Женскиот ракометен клуб Овче Поле е доста активен на трансфер пазарот, се крои ростерот за новата сезона, во која тимот од Свети Николе ќе атакува на висок пласман.
Покрај продолжувањето на соработката со ракометарките од минатата сезона, клубот паралелно работи и на ангажман на нови ракометарки.
Ракометарките Јована Ангеловска, Ивана Станчева, Јована Конева и Викторија Димчева остануваат во тимот од Свети Николе и за следната сезона. Во Овче Поле останува и левиот бек Јана Ристовска, откако двете страни се договорија за соработка за наредните две сезони со опција за продолжување на соработката.
Клубот се засили и со неколку нови ракометарки. Натали Маџовска која е родена 2008 година игра на позицијата лев бек и доаѓа од кадетската екипа на Вардар, а пак Андонела Ангелковиќ која е родена 2013 година игра како десно крило и пристигна од пионерската екипа на Спартак.
Ново име во редовите на Овче Поле е и Михаела Николовска, кружен напаѓач која пристига од редовите на суперлигашот Куманово. Исто така, во клубот се враќа Стефанија Павловска, која по паузата после повредата ќе го зголеми квалитетот во тимот од Свети Николе.
Овче Поле СУ од Свети Николе минатата сезона беше во трка за бараж за влез во Супер лигата, но заврши на третата позиција, а во новата сезона ќе цели кон влез во елитата.
Александар Ванев, М-Нет