
Поголема грижа за сите лица сместени во старечки домови во текот на жештините, се препораките кои што Институтот за јавно здравје ги соопштува во последниот период.
Истите вклучуваат редовна хидратација на корисниците, обезбедување разладени и проветрени простории, ограничување на изложеноста на високи температури и директно сонце, како и редовно следење на нивната здравствена состојба. Од раководителите и персоналот се бара доследно спроведување на превентивните мерки, со цел да се намали ризикот од топлинска исцрпеност, топлотен удар и други здравствени компликации кај повозрасните лица
„Навремената примена на превентивните мерки во установите е од клучно значење за спречување на топлинска исцрпеност, топлотен удар и други здравствени последици поврзани со високите температури. Раководителите и персоналот на установите треба да обезбедат соодветни услови за престој, редовно следење на здравствената состојба и хидратацијата на корисниците, како и доследно спроведување на препораките за заштита од топлотниот бран.“, велат од ИЈЗ
И додека институциите апелираат на поголема внимателност, повозрасните граѓани велат дека се обидуваат да ги почитуваат препораките на лекарите и да се заштитат од високите температури. Во Штип, тие посочуваат дека внимаваат на внесот на течности, избегнуваат излегување во најтоплиот дел од денот и колку што можат се грижат за своето здравје.
Според УХМР, највисоката температура во деновите пред нас се очекува да достигне 40 степени. Времето се очекува да биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Со најавата на овие високи температури, матичките лекари во Штип исто упатија апел до граѓаните, особено до повозрасните, децата и хронично болните лица да бидат внимателни, да се хранат здраво, да внесуваат доволно течности и да избегнуваат излегување надвор после 11 часот.
Иван Митев, М-Нет