
ФК Еуромилк ГЛ ја потврди довербата во тренерот Јован Трајков, кој и во новата сезона ќе го предводи тимот откако минатата година го однесе клубот до шампионската титула и остварување на зацртаните цели.
Од Управниот одбор на клубот соопштија дека континуитетот во работата и довербата во стручниот штаб се клучни за понатамошниот развој на Еуромилк, кој од следната сезона ќе настапува во Втората македонска фудбалска лига.
Воедно, раководството активно работи на засилување на играчкиот кадар. Во тек се преговори со повеќе фудбалери кои треба дополнително да го подигнат квалитетот и конкуренцијата во тимот пред почетокот на новата натпреварувачка сезона.
Подготовките за сезоната 2026/27 официјално ќе стартуваат на 1 јули, кога играчите и стручниот штаб ќе ги започнат подготовките за новите предизвици во второлигашката конкуренција.
Во клубот владее оптимизам дека со заедничка работа, посветеност и поддршка од навивачите, Еуромилк ќе продолжи по патот на успесите и во повисок ранг на натпреварување.