Експресно се гради експресниот пат Штип – Радовиш

Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш се одвива со забрзано темпо. Реализацијата на градежните работи е над 80%, заради што се очекува истиот да биде завршен пред предвидениот рок, односно до крајот на годината, изјави денеска директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов.

„Се наоѓаме на делницата каде што е експресниот пат Штип – Радовиш, зад нас е најдолгиот мост од 350 метри. Има 18 мостови и виадукти на целата траса.

Овој пат треба да биде завршен некаде во април 2021 година, но според темпото и динамиката се работи доста успешно, па веќе сме на 83 до 85% од реализацијата, па се очекува да биде готов до Нова година, значи пред време“ – додаде Китанов.

Вредноста на оваа делница од клучка Штип-Југ до Бучим е 27.130.000 евра. Се работи за модерно сообраќајно решение, кое ќе има големо влијание врз економскиот развој на Источниот и Југоисточниот регион, истакна денес премиерот Оливер Спасовски, кој вршеше увид на градежните работи на делницата од Штип до Бучим.

„Земјоделските производи од струмичкиот регион или од кочанскиот регион многу побрзо ќе пристигнуваат и до Скопје, и до другите делови на нашата земја. Многу полесно ќе пристигнуваат и до граничните премини, со цел за извоз во земјите од регионот и Европа“ – додаде Спасовски.

Експресниот пат Штип – Радовиш не единствениот што се гради во Источниот регион, вели министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски.

„Минатата година комплетно беше реконструиран патот од Штип до Радовиш, постоечкиот пат, со кој што се поврзуваат повеќе општини во Источниот регион, тука се општините Конче, Радовиш и други.

Пред неколку дена отидовме на патот Штип – Крупиште, кој што исто така интензивно се гради. Првата делница очекуваме да биде завршена во брз временски период. Очекуваме дека ќе се забрза динамиката на втората делница. Многу е битно што проблемите што се појавуваат, се решаваат во од. Огромен број од експропријациите се решени, така да, продолжуваме со силна динамика“ – рече Сугаревски.

Овој пат е од големо значење и за Источниот и за Југоисточниот регион, кој не само што ќе ја подобри комуникацијата меѓу населените места, најважно е што со поврзување со автопатот Штип-Миладиновци, целиот регион се доближува до Скопје.