
Едукативниот центар „Стем роботика“ од Кочани е победникот на шестиот национален натпревар по роботика кој се одржа викендов во Штип. Во конкуренција на 22 екипи, вкупно 180 учесници, учесниците од Кочани победија и во категорија млади роботичари од 6 до 10 години и во категорија на учесници од 10 до 16 години.
Повозрасната екипа на кочанскиот едукативен центар „Стем роботика“ со ова прво место стекна право да учествува на светскиот шампионат по роботика што од 7 до 9 јуни ќе се одржи во САД. Екипата е составена од ученици од Кочани, но и од Виница кои се редовни членови на едукативниот роботски центар во Кочани. Координаторот Иван Донев вели дека се подготвувале неколку месеци и дека ова за нив е од големо значење.
„Ние се подготвувавме неколку месеци за ова имаме големи очекувања. Ова е феноменален за тоа како децата може да се развиваат меѓусебно, како може да стекнат меки вештини кои се во област на презентирање, логичко размислување и секако програмирање и роботика. Го подобруваат својот личен начин на развивање“ – вели Донев.
Учесниците имаа задача да направат рекреативен центар како спортски центар, сала, терен и слично. Кочанчани имаа проект за побудување на интересот кај младите за скејт паркови, однонсо идеја да се дигитализира начинот на кој младите спортуваат преки игри.
„Нашиот тим ги изработи сите мисии кои се на масата за роботско пуштање. Исто така имавме проект кој е ремек дело, во натпреварот значи рекреативни места. Нашиот проект би бил побудување на интересот за скејт паркови, тоа е идеја да се дигитализира начинот на кој младите спортуваат преку игри“ – додава Донев.
Натпреварувањето беше под закрилата на ООН која за оваа година ја одреди тематиката на иновативни проекти на места за рекреација со помош на новите технологии. Победниците беа најдобри во сите четири категории, основни и иноваативни вредности, потоа во проект на тематика, во робот дизајн и роботска игра. Оваа екипа беше национален победник и пред две години, а приматот го потврди и на годинашниов државен натпревар во рамките на Фирст Лего лигата на Македонија.
Лаура Стојанова М-Нет