Доктор Сашко Кедев го искачи шестиот врв над 8000 метри – Анапурна

Доктор Сашко Кедев го искачи врвот Анапурна на Хималајскиот венец, висок 8091 метар. Ова е шести искачен врв над осум илјади метри за Кедев, а воедно и еден од најопасните, со стапка на смртност од 30%. Според Кедев влезот во непознатото и прифаќањето на ризик е единствената можност за личен раст, па од овде потекнува и желбата да се искачи овој врв.

„Анапурна се смета за една од најризичните планини со најголема стапка на смртност која е над 30%, од тие што се обиделе над 30% починале. Од тие причини искачувањето на Анапурна се смета за едно од најпрестижните искачувања на Хималајските височини. Единствена можност за личен раст е влезот во непознатото и прифаќање на ризик. Има два начини да се живее животот, млако и низ оган. Единствена начин во кој ја допираме реалноста и го подигаме нивото на свест е моменто кога влегуваме во непознатото и посебно кога прифаќаме одреден ризик.“ – вели Кедев.

Го исполнуваат активностите на планина, но го исполнува и професијата. Правјќи споредба меѓу планинарството и кардиологијата вели дека сега многу продобро ги разбира пациентите, борејќи се за нивните животи. На работ меѓу животот и смртта посочува дека планинарството му помага многу повеќе да ги разбере своите пациенти.

„Овие активности на некој начин ме доближуваат до пациентите, бидејќи во мојата професија на дневна основа ние се соочуваме со смртта и ризикот од смртта. Не секогаш успеваме до крај да ги сватиме нашите пациенти низ што проаѓаат. Но, после овие искуства повеќе пати сум бил во состојба да ги сватиме пациентите бидејќи на овие височини одиме меѓу животот и смртта и тоа сопствените. Во професијата одиме на ивица меѓу животот и смртта на некој друг и никогаш не е сеедно кога ќе почине некој, но со овие активности подобро ги сваќам пациентите“ – додава Кедев.

Инаку Кедев е трет македонец кој го искачил Монт Еверест во 2009 година. Вели дека доколку му се пружат прилики и можности, но и ако има среќа ќе искачи уште многу врвови во светот.

Лаура Стојанова М-Нет