
Во дел од градот граѓаните задоволни, во друг дел реагираат на недостаток на корпи за отпадоци во Штип. Пред извесно време ваква реакција пристигна до нашата редакција, а денес на терен дел од граѓаните посочија дека поставени се доволен број. Во однос на контејнерите, пак, пред извесно време имаше негодувања околу нивната местоположба, бидејќи некои пречеа на видикот на возачите, а други на движењето на пешаците по тротоарските површини.
Во однос на сево ова, директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков, истакна дека ќе се прави анализа за реалната потреба на веќепоставените, можноста за дислокација на контејнери или дополнување на бројот на корпи. Годишната програма предвидува вакви активности во тековната година и Зајков вели дека во претходното тримесечје се поставени нови корпи и тоа како пракса ќе продолжи и во следниот период.
„Ќе направиме и анализа за реалната потреба од веќе поставените контејнери на соодветните локации. Дали може да се зголеми бројот на одредени локации или да се постави дислокација од некои места каде ние би констатирале дека нема потреба од два, на пример, па едниот да го пренасочиме на друга локација, сѐ со цел да удоволиме на барањата на граѓаните“, истакна Зајков.
Периодов продадени се и стотина канти за домаќинствата, кои Јавното претпријатие изминатиов период ги обезбеди по цена од 1050 денари и за истиот износ ги продава и на граѓаните. Граѓаните кои редовно плаќаат вода може да добијат канта на пет месечни рати и да ја исплаќаат заедно со сметката за вода, а останатите треба да ја платат во готово.
„Јавното претпријатие ги набавува кантите, ги проследува врз основа на барање и договор на граѓаните, нудиме отплата на рати, колку е набавен кантата, толку и е продадена, односно по 1050 денари. Во претходното тромесечие се продадени 100 канти. Очекуваме во текот на следните две седмици да добиеме уште нови 100 канти. Апелираме до граѓаните, сите оние кои имаат интерес, да се обратат во ЈП „Исар“, како би склучиле договор и кантите да бидат доставени“, додаде Зајков.
На годишно ниво од страна на граѓаните се купувале просечно 1000 канти, а годинава Јавното претпријатие набави вкупно 1540.
Ребека Спасова М-Нет