Детската театарска претстава „Ајварко, Кифи и мистер Хамбургер“ утре ќе доживее премиера

„Ајварко, Кифи и мистер Хамбургер“ – вака е насловена новата детска театарска претстава која утре ќе ја доживее својата премиера. Претставата е во режија на Трајко Јордановски, а во истата играат актери од театрите низ државата, како што се Велешкиот и Штипскиот театар. Режисерот Јордановски посочува дека станува збор за професионалци, кои имале креативен пристап кон драмскиот текст и ќе приредат едно вистинско уживање за публиката.

„Станува збор за една детска пиеса којашто е по текст на Огнен Неделковски, со модерна содржина и интересна тема. Мислам дека за младите ќе биде многу интересна. Сакам да ги поканам штипјани да дојдат на премиерата којашто ќе биде утре. Првпат ми се даде шанса целата екипа да бидат актери, професионалци оти најчесто работам комбинирано, со еден – двајца пејачи коишто се од Македонската опера. Овде пристапот беше поинтересен, тие се многу подинамични и полни со идеи, така што од режисерски аспект мојата работа беше доста олеснета во однос на поставувањето на ова дело“, истакна Трајко Јордановски, режисер на претставата.

Драмскиот текст беше награден на Конкурсот за детски драмски дела распишан од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Книгата беше и промовирана како најдобра од вкупно 13 пристигнати драмски текстови. Директорот, Горан Трајков, посочува дека ова е начин да се зголеми бројот на детските театарски претстави, а во таа насока ќе се распише и нов ваков конкурс годинава.

„Ова беше една идеја, бидејќи имавме недостаток од писатели за детски драмски текстови. Со ова дадовме поттик и мотивација да наградуваме автори, а и да ги поставуваме текстовите, иако тие две работи не треба да ги мешаме секогаш. Ова е еден обид да креираме литература за деца која ќе значи разбудување на детската фантазија, а воедно и да создаваме театарска публика за следните генерации“, вели директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, Горан Трајков.

Претставата е во целосна продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип и е втора самофинансирачка премиера. Ќе се игра утре со почеток 12 и 13 часот. Директорот посочува дека во јуни ќе се заврши со вкупно пет премиери коишто ќе бидат дел од одбележувањето на 100-годишнината од организираното театарско движење.

Ребека Спасова М-Нет