
Битката за опстанок во Првата македонска фудбалска лига продолжуват, неколку екипи се загрозени за опстанок, а тоа ќе понуди супер неизвесна завршница, можеби и последното коло ќе решава кои екипи ќе испаднат во Втора лига.
Брера Струмица на домашен терен ќе игра против Воска Спорт, во дерби каде трите бодови се од капитална важност. Струмица со 24 бодови се наоѓаат во бараж зоната, а пак охриѓани се на дното со 22 бодови.
Овој натпревар ќе се игра во понеделник со почеток од 16 часот и практично со него ќе се затвори колото.
Гостивар на домашен терен ќе игра со екипата на Работнички. Ова ќе биде соочување на Работнички кој е на третото место на табелата со 52 бодови и Гостивар кој е на четвротото место на табелата со 48 бодови во трката за третото место.
Пелистер е во длабока резултатска криза со четири порази во низа и ќе бара излез од истата против Тиквеш од Кавадарци. Битолчани ќе бараат триумф и три бодови за излез од резулатската криза, но воедно и за зацврстување на осмото место и мирна завршница од сезоната. Тиквеш ќе мора до три бодови во трката за опстанок, а со триумф Тиквеш ќе се израмни со Пелистер на осмото место со по 29 бодови.
Шкендија на домашен терен ќе игра против Шкупи каде тетовскиот тим ќе сака продолжува на победничката серија и со тоа да дојде до титулата во Првата лига. Шкендија беше елиминирана од Купот на Македонија и сега фокусот е на првенството и титулата. Шкупи е во лоша форма со три порази и две ремија на последните пет меча.
Силекс во Кратово ќе го пречека актуелниот шампион Струга Трим Лум, каде тимот на Александар Васоски ќе бара три бодови со цел да продолжи да го следи чекорот на лидерот Шкендија кој има четири бодови повеќе од кратовскиот тим односно лидерот има 62 бодови, а пак Силекс е втор со 58 бодови.
Колото се отвара денес со натпреварот меѓу Вардар и Беса, а рундата се затвара во понеделник со мечот од 16 часот.
Александар Ванев, М-Нет