
В сабота продолжуваат возбудувањата во Втората лига со натпреварите од осмото коло. Дербито на Истокот се игра во Радовиш каде ќе се соочат Детонит Плачковица против Брегалница во меч каде трите бодови се опција и за едните и за другите.
Лидерот од Штип гостува на тешкиот терен во Радовиш, Брегалница само три бода гледа како опција кон нејзината цел за враќање во Првата лига. Соочување на двајца штипски стратези Горан Здравков против Трајче Сенев. Брегалница засега е единствениот второлигаш кој нема претрпено пораз на овие седум натпревари, па за Сенев ќе биде предизвик „сините“ да останат непоразени од една страна, а од друга страна да се направи стратегија за трите бодови.
Здравков е поранешен тренер на Брегалница, иако екипата е речиси во целост променета од ланската сезона, сепак кормиларот на радовишани и како поранешен играч на штипската фудбалска гордост многу добро го знае тимскиот дух и атмосферата на Брегалница и повеќе од јасно тоа за него ќе биде преднос во градењето пак на неговата стратегија за триумф над неговиот поранешен клуб.
Повеќе од јасно ова ќе биде дерби и за престиж, со оглед на тоа што неколку фудбалери на Детонит се токму од Штип, па сигурно е дека ќе има и публика која ќе дава поддршка и на двата клуба.
Во Автокоманда ќе се одигра скопската пресметка меѓу екс прволигашите Скопје и Македонија ЃП. „Лавовите“ како и штипските „сини“ на себе ја имаат улогата на фаворити за враќање во елитата, и на „Железарница“ сигурно е дека ќе биде тешко да се освојат трите бодови со кои лавовите ќе прават притисок кон Брегалница за првото место, всушност оваа рунда може да донесе и промени на табелата.
„Пиратите“ од Автокоманда на последните пет меча имаат триумф, потоа пораз и дури три последователни ремија, па победата е опција за враќање на победничките патеки, што нема да биде ни најмалку лесно против тимот од Ѓорче.
Интересен и неизвесен дуел се очекува во Македонска Каменица каде ќе се соочат Каменица Саса и Охрид. Двете екипи имаат победнички ритам, по лошиот старт на сезоната. Охрид тргна катастрофално, го промени тренерот и фати залет со кој се искачи до осмото место на табелата со десет бодови, а нов триумф кој би бил четврти во низа ќе значи и нов скок на табелата. Саса сака три бодови со кои повеќе од јасно дека ќе се зацврстува во средишниот дел од табелата.
Кожуф како голем фаворит на домашен терен ќе го пречека последнопласираниот Борец каде гостинот ќе има повеќе од тешка задача против домаќинот кој игра допадлив фудбал и во новата сезона сака од втор план да напаѓа за Прва лига.
Новаци продолжува како од ланската сезона така и во новата сезона да го обезбедува опстанокот уште во првиот дел, а потоа да прави резултат за што е можно подобар пласман на табелата, пред нив в сабота ќе биде тежок дуел на домашен терен против Башкими, кој отворено има амбиции за Прва лига. Поранешниот освојувач на Купот на Македонија е во страшна форма и сериозно им прави притисок на ланските прволигаш Брегалница и Македонија ЃП, па не е исклучена можноста Башкими ако триумфира и да биде лидер на табелата, во случај на кикс на Брегалница и Македонија ЃП.
Осогово на домашен терен ќе биде пред сериозен предизвик против Арсими каде домашниот тим ќе мора да обезбеди бодови со цел да не дојде во ситуација како во минатата сезона, па затоа „жетварите“ веќе максимално се подготвуваат за овој нивен тежок меч на домашен терен против одличниот Арсими, кој во новата сезона од втор план напаѓа за Прва лига.
Вардар Неготино уште еден натпревар мора да одигра надвор од Неготино, па така против прилепска Победа ќе игра на СЦ „Пандев“ во Струмица. Двете екипи се во голема резултатска криза и немаат победа на последните меча, всушност имаат идентична форма од четири пораз и едно реми.
Трите бодови ќе им значат многу и можност барем на момент да се одлепат од опасната зона, бидејќи Победа минатата сезона токму преку бараж се спаси и остана во Втората лига, па повеќе од јасно е дека и двете екипи не го сакаат тоа сценарија, а тоа ќе понуди интересен меч во Струмица. Победа е предводена од новиот тренер Стојанче Дунимаглоски.
Како што веќе најави М Нет телевизија во Богданци ќе се одигра дерби за прва победа во новата сезона. Вардарски против Беласица, двете екипи кои и понатаму немаат триумф во Втората лига, всушност овие две екипи се единствените без победа, па тоа ќе биде повеќе од предизвик да се дојде до прва радост.
Натпреварите се играат в сабота од 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет