
Денеска се играат натпреварите од 5. коло од Втората македонска фудбалска лига, а гледачите на телевизија М Нет ќе имаат можност во живо преку директен пренос да го проследат соочување на Кожуф и Пелистер на Градскиот стадион во Гевгелија.
Натпревар кој сигурно ќе го наполни стадионот во Гевгелија. Кожуф под водство на штипскиот стратег Трајче Сенев има четири од четири и на репрезентативната пауза замина со максимални 12 бодови на своето конто.
Влегувањето на приватна компанија која стана генерален спонзор на клубот е уште една причина плус за тимот да продолжи со одличните игри бидејќи на полусезона ќе биде во позиција со квалитетни засилувања да ги напаѓа местата за Прва лига.
Пелистер во Гевгелија ќе има тешко гостување и притисок за трите бодови по ремито во претходното коло на домашен терен со Детонит Плачковица. Како во претходното коло така и во оваа коло ќе гледаме соочување на двајца штипски стратези.
Пелистер е предводен од штипскиот стратег Влатко Костов, а Кожуф од Трајче Сенев. Натпреварот ќе биде неизвесен и тврд со тактички надмудрувања, а трите бодови се императив и за двете страни.
Главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци, а стартот е закажан во 15 часот.