„’Слушај ме што зборувам, не гледај што правам’ – вака најдобро може да се опише контрадикторноста на енергетските политики на Мицкоски. Само дванаесет дена откако Мицкоски уверуваше дека ЕСМ нема да ја зголеми цената по која ја продава електричната енергија, на вчерашниот тендер на ЕВН Хоум државната компанија понуди цена од 74 евра за мегават-час за 30% од потребните количества, со што просечната набавна цена се зголемува за над 4%. Паралелно, претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, веќе ја подготвува јавноста за ‘симболично’ поскапување на струјата“, велат од партијата Левица.
„Левица уште во мај минатата година предупреди на селективниот однос на надлежните институции кон формирањето на цената на електричната енергија. Тогаш, самата министерка Божиновска се пофали дека производната цена на струјата од ЕСМ е намалена за 10%, но истовремено најави дека тоа нема да резултира со пониски сметки за домаќинствата! Уште тогаш Левица побара намалување на цената и преиспитување на тарифниот систем. Зошто поволните економски параметри не се преточуваат со иста ревност во пониски сметки, со каква што неповолните се користат како аргумент за поскапување?!
Левица бара целосна транспарентност на пресметките, обелоденување на сите влезни параметри пред утврдувањето на цената, преиспитување на оправданоста на трошоците на енергетските компании и преземање на сите расположливи мерки за спречување ново поскапување. Регулаторната комисија има обврска да ги штити и интересите на потрошувачите!“, се наведува во соопштението на Левица.
Текстот „Да не се дозволи ново поскапување на струјата – профитабилноста на ЕВН не смее да биде државен приоритет“, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.