
Новата цена на дрвата за огрев, како и повисоката цена на маслото за јадење под знак прашалник ја става сезоната на зимници. Граѓаните во Штип велат дека ќе размислат дали оваа година ќе се прави ајвар или не, но поголемиот дел од анкетираните велат дека најверојатно нема да можат да си дозволат да се подготват за зимата како од годините претходно. Дополнително, предвидувањата се дека ќе биде висока и цената на ајварска пиперка, па да се почувствува мирис на ајвар оваа година ќе биде луксуз.
„Да ти кажам право изгледа нема да се прави, многу е сакпо. Ќе прават некои кои има, ама не е како порано кога имаше за сите, сега веќе се прави селекција. Младите избегаа, старите ќе изумрат и толку е таа“
„Кој како има ќе прави, кој нема нема. Во продавниците што има тоа ќе се земе, една тегла – една. Пензиите мали, криза голема, така ќе го тераме животот.“
Од друга страна продавачите велат дека нема простор за паника кога е во прашање ајварската пиперка. Производство ќе има и цената ќе биде достапна за граѓаните.

„Ние имаме садено ајварски пипер и ни годи цената да биде подобра. Јас мислам пиперот нема да биде толку скап, и нема да има страв од цената на пиперот како од цената на зејтинот. Ќе влијае и цената на дрвата“
Минатата година ајварската пиперка во почетокот се нудеше по цена од 50 денари за килограм, а зејтинот се прдаваше по цена од 90 денари за литар. Лани за десет тегли ајвар подготвени дома, беа потребни околу 1700 денари.
Лаура Стојанова М-Нет