Група нуркачи вклучени во голема еколошка акција за чистење на езерото Мантово

Нуркачка екипа од клубот за подводни дејности Охрид, ангажирана од страна на рудникот за бакар Боров Дол, викендов подводно го чистеше вештачкото езеро Мантово од отпад, во рамките на еко акцијата „Генералка викенд 2022“. Над 200 вреќи отпад беа собрани, а нуркачите открија големи количини најразличен отпад кој го загадуваат езерото. Според членовите на Клубот ова не е првпат на ваков начин да уживаат во нуркањето и притоа да придонесат за животната средина, но е прва активност во источниот регион.

„Денес сме на езерото Мантово како Клуб за подводни дејности да учествуваме во еколошката акција за чистење на цврст отпад од дното на езерото. Во акцијата ќе бидат вклучени седум нуркачи од сите членови на Клубот, имаме доста искуство во вакви еколошки акции. Ние ова го работиме околу 36 години, сме нуркале и сме чистеле и други езера низ Македонија, Охридското, Дојранското, Преспанското.“

Да се чисти дното на езерото со нуркачи е активност поддржана од рудникот „Боров дол“, од каде уште стотина волонтери теренски ја чистеа површината околу езерото. Според прес – секретарот на рудникот, Кристина Крстева, ова е прва ваква активност, но компанијата ќе се стреми да не биде и последна, со што би се придонело за животната средина.

„За прв пат со помош на рудникот Боров Дол успеавме да направиме контакти со клубот за подводни активности Охрид, да ги донесеме нуркачите и фактички да ја утврдиме состојбата на езерските води“

Во акцијата се вклучија над 50 волонтери од рудникот Боров Дол, повеќе од 30 волонтери од Општина Конче, екипа од локалното комунално претпријатие и претставници на граѓански здруженија. Чистење на викенд-езерската населба покрај Мантово се одвиваше паралелно, со тоа што волонтерите од рудникот Боров Дол и општинската администрација во Конче го собираа отпадот од крајбрежјето на езерото Мантово, а нуркачката екипа од клубот за подводни дејности Охрид го чистеше дното на езерото Мантово.

Рудникот Боров Дол поддржува иницијативи за вакви еколошки акции чија е цел подигање на свеста кај населението. Со овие активности, се придонесе за согледување на состојбата на водите во езерото, чистење на отпадот и подигањето на еколошката свест за одговорноста кон природата. Оттаму посочуваат дека вакви акции ќе има и во иднина, односно спроведување на организирани, континуирани активности за собирање на отпад во околина.

Лаура Стојанова М-Нет