Граѓаните протестираат, „Пејпер мил“ решени да го продолжат инвестицискиот циклус

Компанијата за хартија „Пејпер мил“ од Кочани со соопштение до медиумите исвестуваат дека дополнително ќе се инвестира во наредните две години по тешката 2021 година. Планирана е вкупна инвестиција од 4.600.000 евра со цел дуплирање на капацитетот на фабриката и создавање модерна фабрика по сите светски стандарди. Само оваа година целосно ќе се финализира пречистителната станица, ќе се промени котелот на сончогледови пелети, а во моментот во тек е ренинсталација на целиот паро – кондензационен систем, што треба да доведе до 15% намалување на влијанието на котелот.

„2021 беше една од најтешките години откако сме сопственици на фабриката. Тие четири месеци што не работевме нѐ вратија многу назад, при што важно е да се забележи дека сите вработени останаа на работа, ние им плаќавме 70% од платите. Тоа што не работевме се одрази финансиски на крајот на годината. Сите таргети кои ги поставивме како буџет не се исполнија. Годината беше динамична и заради промените на општата ситуација со Ковид кризата, со покачувањето на цената на горивата. Сепак, благодарение на големата поддршка од акционерите кои ги покрија тие загуби, успеавме да оствариме сосема мала добивка, реагиравме добро, инвестиравме во вреќест филтер и пречистителната станица и ги продолжуваме инвестициите.“ – изјави Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпар Мил.

Инаку, процесот на производство во „Пејпер мил“ е стопирано до крајот на месецот, а граѓаните во Кочани секојдневно по два часа протестираат пред фабриката, бидејќи според нив таа го загадува водухот во Кочани. За утре е закажан голем мирен протест со што ќе биде блокирана едната коловозна лента на улицата „Теодосија Паунов“ со почеток во 12 часот.

Лаура Стојанова М-Нет