Градско дефиле на матуранти во Штип по повеќе години, идејата е на СОУ „Коле Нехтенин“

За првпат со градско дефиле, матурантите од СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип ја започнаа својата матурска вечер. На овој начин го заокружија своето средно образование, а во таа насока и директорката, Јованка Шалева, им посака успех на патот во животот. Идејата за градско дефиле, според Шалева, е со цел да го вратат сјајот на една мината традиција.

„Матурантите од СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип оваа вечер ќе ја прослават својата матурска. Се стекнаа со солидно стручно образование коешто понатаму од нив ќе направи квалитетна работна сила на пазарот на трудот и добра основа за понатамошно образование. Ги научивме да бидат смели, храбри, да веруваат во себе и, ете, сега ги испраќаме, секој од нив понатаму ќе си го бара својот пат кон успехот во животот. Идејата е да направиме нешто добро за нашиот град, да направиме нешто интересно за нашите матуранти и да му го вратиме стариот сјај на градот, кога знаеме дека ова место било место кога се случувале сите збиднувања помеѓу младите, кога се славел животот, младоста, љубовта“, порача директорката, Јованка Шалева.

Интерес за ваков начин на заокружување на средното образование пројавија и матурантите. Посочија дека се задоволни од досегашните стекнати знаења, а пред камерата на М-Нет Телевизија зборуваа и за своите идни планови.

„На оваа идеја за дефиле гледаме како враќање на една традиција која ја правеле нашите повозрасни татковци и мајки, дедовци и баби. Средното образование го оценувам со 8 од 10. Сметам дека преку нашето средно образование стекнавме знаења преку практична работа, учење во училиште. Понатаму планирам да продолжам на Правен факултет или на Односи со јавност“, вели матурантот, Мартин Зарков.

„Мислам дека е одличен начин со кој можеме да покажеме на градот како изгледаат матурантите и е некоја традиција која досега ја немало во Штип, сега се враќа по првпат. Немам никакви поплаки, особено за моето училиште. Планирам ФИНКИ да продолжам, штета е ако не си ја продолжам струката“, вели матурантката, Анастасија Василева.

Директорката Шалева потенцираше дека кај нив ова ќе стане традиција, а се надева дека и останатите средни училишта во Штип ќе го прифатат и реализираат градското дефиле. Инаку, матурантите од Гимназијата и Текстилното училиште својата матурска вечер ќе се прослават на 22 мај, а СОУ „Јане Сандански“ на 23 мај.

Ребека Спасова М-Нет