В сабота ќе се одржи третиот интернационален танцов натпревар во Штип

Над 1000 учесници ќе бидат дел од третиот, досега најголем, интернационален танцов натпревар, кој ќе се одржи в сабота. Организаторката, Ана Марија Габроска, посочува дека е вистинско задоволство што Штип веќе трета година по ред е домаќин на натпревар од ваков размер, кој од година во година се развива и наградува, а учесниците уживаат во целодневната програма.

„Публиката нека очекува најпрво забава, потоа успех од сите дечиња и се надевам дека задоволни ќе си отидат од натпреварот. Настапуваат 16 танцови клубови од различни градови од нашата држава, над 1000 учесници, коишто се поделени во различни групи, од четиригодишна возраст па сѐ до над 18 години. Ќе се натпреваруваат во различни категории: латино, перформинг арт, класичен балет и други“, вели организаторката, Ана Марија Габроска.

Во зависност од категориите и возраста, најдобрите ќе се стекнат со награди, медали и дипломи. На Гала вечерта ќе се изберат и доделат три парични награди во вредност од 50 до 300 евра.

„Најважно е, најтешката задача на судиите е Гала вечер, треба да изберат најдобра формација, група и солист, кои ќе се борат за парична награда. Имаме 300 евра парична награда за најдобра формација, 200 евра за најдобра група и 50 евра за најдобар солист“, додава Габроска.

Домаќин на настанот и годинава ќе биде НУЦК „Ацо Шопов“, од каде директорот, Горан Трајков, го истакна задоволството што Домот на култура в сабота ќе биде центар на случувањата во текот на целиот ден.

„Ни е чест што ова се случува во нашиот град, што е од цела Македонија, а има и интернационален карактер. Она што е важно е дека многу родители и дечиња го посетуваат Штип и се дружат преку целиот ден, започнува наутро и трае до 21 часот навечер, кога завршуваме со Гала вечер, која се случува по објавувањето на сите добитници“, вели Трајков.

Минатата година, на вториот танцов натпревар имаше 119 кореографии од 780 натпреварувачи од 15 града во државава.

Ребека Спасова М-Нет