
Во штипскиот Безистен вечерва ќе бидат изложени римски монети од Брегалничкиот Регион. Станува збор за збирка монети коишто луѓето ги употребувале на оваа територија, а овде се наоѓале поради транзитниот карактер на регионов и воено-историските случувања. Автор на изложбата е Гордана Јанева, доктор по нумизматика и вработена во НУ Завод и Музеј – Штип, која пред штипската јавност ги претставува најинтересните.
„Ќе бидат презентирани стотина монети, пронајдени на територијата на Брегалничкиот Регион. Уште поголемо значење на целата оваа изложба се дава, затоа што сите имаат археолошка позадина, односно пронајдени се по пат на археолошко ископување. Презентирани се монети од Римскиот империјален период. Има многу интересни примероци, бидејќи тука се наоѓаат и монетни изданија од римското провинциско монетоковање. Примероците со нивниот раритет ќе бидат, навистина, интересни за штипската поширока публика“, вели Гордана Јанева, нумизматичар во НУ Завод и Музеј – Штип.
Збирката од римскиот период ја поседува штипскиот музеј и истата е валоризирана како културно наследство со големо значење. Целата збирка е околу петстотини примероци, а денешниот настан на кој се изложени само стотина е во рамки на манифестацијата Штипско културно лето.
„Уште едншка покажуваме дека ние како национална установа секогаш учествуваме во Штипското културно лето, ги презентираме нашите достигнувања и сакаме да се вклучиме во културните настани коишто го одбележуват ова културно лето во Штип. Инаку, оваа изложба на монети на којашто автор е колешката Гордана Јанева, која е доктор по нумизматика, ја има изготвено во оваа година. Се работи за една колекција којашто долги години се собираше, односно се обработуваше и на крајот доби повисоко значење целата валоризација на оваа збирка, којашто е од големо значење. Дел од тие монети коишто се собирани, обработувани и конзервирани на крај стигнавме до фаза да ги покажеме до пошироката јавност“, вели Штерјов.
Ова е претпоследна изложба во штипскиот Безистен на НУ Завод и Музеј – Штип, а во рамки на Штипското културно лето. На 28 јули, в петок, ќе бидат изложени уметнички слики од музејската збирка.
Ребека Спасова М-Нет