
Тактично-показна вежба во штипската Касарна беше изведена со новите JLTV лесни оклопни возила. На овој начин официјално беа ставени во употреба, а на презентацијата присуствуваа и Амбасадорката на САД, Ангела Агелер, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. Тој посочи дека во следните две година се очекуваат уште 60 возила од овој модел.
„Честа е голема да се присуствува на овој настан каде 32 оклопни транспортери, кои штотуку пристигнаа во нашата земја, ги ставаме официјално оперативно во употреба. Процес кој започна пред четири години низ јавна транспарентна процедура. Ова се првите возила во првата фаза 32, очекуваме во наредните две години дополнителни 60 возила од ист овој модел да пристигнат во нашата Армија. Не застануваме тука, имаме следна пратка од 42 оклопни транспортери кои во следните две години ќе пристигнат“, истакна генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, Началник на Генералштабот на Армијата.

Министерката за одбрана на денешниот настан посочи дека на овој начин се подобруваат условите за припадниците на Армијата, но и се подобрува самиот капацитет. Возилата се поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е нашата НАТО единица.
„Пред десетина години главни предизвици беа војничките чизми и униформи, превозот и исхраната. Денес тоа се редовни набавки за кои зборуваме како да ги подобриме, а не дали ќе ги подобриме. Денес зборуваме и планираме набавки на лесни оклопни возила, нови оклопни транспортери, нови системи за воздушна одбрана, артилериски системи, нови хеликоптери, ново современо вооружување. Колку ја сакаме државата покажуваме со инвестициите во одбраната“, истакна Министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Возилата се од американско производство и се дел од проектот „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, кој е започнат со склучување договори со Владата на САД.
„Ќе ѝ честитам уште еднаш на Министерката за одбрана и на народот на Северна Македонија за набавката на овие лесни оклопни тактички возила коишто се многу важни. Ова е многу важен ден, тие ќе бидат од голема корист за зголемување на интероперативноста во рамките на НАТО, така што ова е навистина добар чекор во процесот на организација на Армијата“, посочи Агелер.
Возилата се набавени со финансиски средства од државниот буџет, а во тек е и набавка на осум повеќенаменски транспортни хеликоптери за вооружените сили.
Ребека Спасова М-Нет