Вонредниот инспекциски надзор во ООУ „Никола Карев“ Кочани со нерегуларности, директорот со демант

Вонредна ревизија на работењето е извршена во ООУ „Никола Карев“ во Кочани по барање на в.д. градоначалникот Венко Крстевски.

Вонредниот ревизорски извештај утврди низа нерегуларности и злоупотреби. Во него стои дека директорот на училиштето свесно предизвикувал злоупотреба на критериумот за распределба на блок-дотациите и свесно создавал долгови, најчесто спрема КЈП „Водовод”, велат од општина Кочани.

„Доколку директорот правилно ги распределувал фиксните трошоци самото училиште ќе било со значително помали обврски спрема КЈП ‘Водовод’, навремено ќе биле сервисирани обврските и немало да дојде до блокада на сметката на училиштето што го загрозува нормалното функционирање. На сметка на овие трошоци директорот секоја година ја зголемува ставката договорни услуги и склучува договор на дело со повеќе физички лица, за кои требало да се спроведат јавни набавки” – стои во ревизорскиот извештај.

Поради констатираното несовесно работење и блокирање на сметката на училиштето, Крстевски  ќе побара од Училишниот одбор престанок на мандатот на директорот на ОУ „Никола Карев”, ревизорскиот извештај ќе го испрати и до Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат, а како информација ќе се најде и пред Советот на Општина Кочани.

На ова одговори и директорот на Никола Карев, Александар Андов. Вели дека ова е втор вонреден надзор за помалку од два месеци и извештајот е променет за само 40 дена.

„По само неполн месец и половина истиот ревизор врши повторен вонреден надзор и половина од извештајот го повторува , но под силен притисок од В.Д Градоначалникот доставува друг извештај со игра на зборови за да се покаже дека Директорот на ООУ,,Никола Карев”-Кочани имал одредени неправилности во работењето и користи ноторни лаги и измислици бидејќи училиштето е дадено на извршител за долг до 30.06.2022г.кога има друг Директор на училиштето, а не сегашниот! -Дека ни биле давани средства за плаќање на сметки кон КЈП,,Водовод”Кочани ,а ние не сме ги подмирувале ,вистината е дека Општина Кочани секоја година ни доставува буџетска рамка во која ние мораме да се вклопиме, а не буџет кој реално е потребен на училиштата и сл. За сето ова имаме поднесено приговор на вториот извештај кој чудно се промени за 40 дена од претходниот! “ – стои во деманот на директорот.

Од таму посочија дека се работи чесно и транспарентно.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет