Воведувањето на „Скада“ системот на ЈП „Исар“ приоритетен проект за наредната 2025 година

Воведување на скада системот е приоритетниот проект на ЈП Исар кој треба да биде реализиран наредната 2025 година. Овој систем ќе овозможи мониторинг, контрола и управување на целата водоводна мрежа. На ваков начин ќе се детектираат и намалат загубите на вода, вели директорот Александар Арсовски.

„Нареден приоритетен проект ќе биде исталирањето на скада системот на водоводната мрежа. Тоа е систем кој вклучува мониторинг, контрола и управување на целата водоводна мрежа во градот. Тоа ќе биде една заокружена целина поради тоа што скада систем постои во фабриката за вода односно во филтер станицата, но тоа не е доволно да можат да се детектираат и да се спречат или намалат загубите на вода коишто се околу 60%. “ – вели Арсовски.

Скада системот ќе биде поставен на 37 контролни точки. Освен загубите на вода ќе се работи и на намалување односно спречување на кражбите на вода.

„Тоа е еден цел комплексен систем кој ќе биде поставен на 37 контролни точки. Сѐ ќе биде компјутерски и софтверски изведено за да можат сите тие дефекти и загуби на вода во кои спаѓаат и кражбите за да се преземат мерки истите да се спречат.“ – вели Арсовски.

Пред воведување на скада системот, ЈП Исар завршува со исплатата на регрес на годишен одмор за своите вработени за 2023 година, а намалени се и судските трошоци кои претпријатието претходно ги имаше.

Лаура Стојанова, М-Нет