Венко Филипче е последниот што има кредибилитет да зборува за состојбите во здравството. СДС нема право да зборува за здравството, СДС за нивните 7 години власт направи скандали кои граѓаните ги плаќаа со своите животи, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувања на лидерот на СДСМ дека здравствениот систем е во колапс.
„Граѓаните добро паметат во каква состојба го остави здравствениот систем по неговиот мандат со наталожени проблеми, недостиг на кадар, долги листи на чекање и нарушена доверба во институциите. Венко Филипче, како министер за здравство, направи тотален колапс на здравствениот систем. Токму во периодот кога Филипче беше министер, голем број здравствени работници го напуштија јавното здравство, а системските проблеми останаа нерешени. Филипче како министер за здравство, не само што го доведе здравството до колапс, туку и профитираше на секој можен начин, и остави зад себе руиниран сектор во кој пациентите умираа по ходниците. Додека Филипче беше министер, пациентите се соочуваа со недостаток на лекови, лоши услови и запоставен здравствен систем. Наместо инвестиции во здравството, со СДС и Филипче имаше само сомнежи за наместени тендери, привилегирани компании и милионски зделки. СДС имаше низа скандали, како на пример Онкологија, каде најранливите беа оставени без соодветна грижа и измамени“, се наведува во реакцијата.
За разлика од кадарот на Филипче, Ахмети и Таравари, велат од партијата, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ навремено го решава проблемот во Гостивар.
„Над 60 тони вода секојдневно гостиварчани добиваат за пиење и технички потреби од страна на СОЗР. Препораки и мерки, за тоа што треба да се прави во оваа локална епидемија, беа веднаш предочени од ИЈЗ и Министерството за здравство. Осомничените за овој скандал беа веднаш приведени и притворени од страна на МВР и се работи на собирање на докази кои ќе бидат доставени до ЈО. Дополнително, се работи и на отстранување на проблемот заради кој беа затруени нашите сограѓани од Гостивар, за да можат побрзо да ја користат водата барем за технички потреби. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на стабилизација на здравствениот систем, подобрување на условите во јавните здравствени установи, намалување на листите на чекање, инвестиции во опрема и обезбедување поквалитетни здравствени услуги за граѓаните. Владата на ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на реформи кои ќе обезбедат поефикасен, поквалитетен и поодржлив здравствен систем“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е последниот што има кредибилитет да зборува за состојбите во здравството е превземен од МАКФАКС.