
Вкупно 11 јавни обвинители се ангажирани да работат на утврдување на причините и можната одговорност за несреќата во Кочани. Како што информираат од ОЈО истрагата за трагичниот пожар во Кочани се проширува, за да се реши случајот со нсереќата.
Според планот на активностите, обвинителството најави распит на повеќе од 300 сведоци, како и спроведување на соодветни вештачења од повеќе области.
Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, утринава одржа координативен состанок со тимот кој ја води истрагата, при што побара детална и ефикасна работа за да се расветли секој аспект од случајот.
„Јавните обвинители преземаат активности за обезбедување докази на терен, а фокусот е на темелно истражување на сите можни правци на одговорност“, соопштија од обвинителството.
Во текот на денешниот ден, тимот на истражители во Кочани ќе продолжи со собирање на материјални докази, со цел да се добие целосна слика за настанот што го потресе целото општество.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет