
Ракометарките на Астибо претрпеа тежок пораз на гостувањето кај актуелниот шампион Ѓорче Петров со високи 41:12 во меч од 4. коло на Суперлигата.
„Лавиците“ после поразот од Чаир бараа брза рехабилитација, а тоа го направија со убедливата победа над штипскиот тим, откако на домашен терен буквално од самиот старт го решија натпреварот.
Стефанија Ѓорѓиевска постигна 11 погодоци, осум погодоци имаше Емилија Ризоска, од кои два погодоци од линијата за седум метри, а кај Астибо Марија Анчева и Сара Кировска постигнаа по четири погодоци.
Ракометарките на Чаир со убедливи 36:23 го декласираа сосема очекувано Спартак пред својата публика, во натпревар каде Рона Мифтари имаше 11 постигнати погодоци за Чаир, а пак за гостинот шест погодоци постигна Зорица Андовска.
Колото ќе се комплетира со останатите два натпревари, а во кои Куманово ќе се соочи со Вардар, а пак Пелистер ќе игра против Металург Автокоманда.
Александар Ванев, М-Нет