Вечерва Македонија оди по историја – само победа над Данска!

Македонија вчера го одработи последниот официјален тренинг пред вечерашната пресметка со Данска од првиот бараж дуел за пласман на Светското првенство.

Селекторот Гоце Седлоски и капитенот Енис Барди истакнаа дека Македонија влегува во сериозен предизвик, но и со јасна верба во сопствените квалитети и тимскиот дух.

Седлоски истакна дека имаме шанса да се бориме за место на СП и тоа е мотив што ја обединува целата држава. За Данска посочи дека се работи за квалитетна репрезентација, но додава дека Македонија овде е со причина.

Во тимот гледа енергија, концентрација и желба. Иако недостасуваат одредени фудбалери, но тоа не го менува пристапот на репрезентацијата за вечерашниот меч со Данска. Седлоски истакна дека фокусот е на нашата игра додавајќи дека детали може да го одлучат победникот.

Седлоски испрати благодарност до навивачите за поддршката која вечер ќе ја има Македонија на преполниот „Паркен“.

Капитенот на репрезентацијата Енис Барди потенцираше дека добро се подготвиле за овој меч, дека сите детали се анализирани и свесни дека играат против квалитетен тим, но надополни дека и Македонија има свои квалитети и адути за овој бараж дуел.

Од претходните натпревари извлечени се важни лекции и тоа помогнало да се подобриме како тим, вели Барди.

Поддршката од навивачите е важна, а Барди истакна дека ќе дадат сè од себе за да направат Македонија да биде горда.

Натпреварот меѓу Данска и Македонија стартува од 20:45 часот.

Александар Ванев, М-Нет