
Долго во Штип ќе се прикажува за евро – голот на Владимир Дујовски постигнат во последните мигови од средбата со Шкендија со кој Брегалница успеа да освои „златен“ бод против актуелниот шампион на Македонија. Голот на Дујовски е вистински хит и на спортските електронски медиуми кој се „врти“ како вистинска лекција за тоа како се постигнуваат евро – голови, кои ги дигаат гледачите на нозе а на стрелците им приредуваат вистински овации. Брегалница по два „сушни“ без голови натпревари на овој меч постигна дури три што говори дека има стрелци за мегдан кои во понатамошниот тек од првенството треба да дојдат до израз.

Вниманието на вчерашниот меч го привлече и киксот со бројките на дресот на исклучително талентираниот Бобан Георгиев. Дури на три – четири пати тој беше отстрануван од судијата Качевски надвор од теренот поради одлепувањето на едниот број од неговата единаесетка. Тоа значеше депримираност кај Бобан и соиграчите, нервоза кон судијата кој беше сосема во право, но тоа беа и драгоцени долги минути за Шкендија да игра со играч повеќе и да го загрози голот на Брегалница, се до промената и добивање на нов дрес. Како и да е Брегалница покажа и докажа дека може да биде рамноправен противник за било кој клуб во Македонија и само четиригодишното отсуство од прволигашките средби е товар кој би требало наскоро да се надмине. А за тоа можност ќе има веќе во недела кога Брегалница ќе гостува на тимот на Борец во Велес.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk