Божиновска: Енергетската транзиција мора да обезбеди сигурност и нови можности за економски развој

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се обрати на Националниот дијалог на патот кон COP31, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), во пресрет на претстојната климатска конференција во Анталија. На настанот свои обраќања имаа и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот Хоџа и други претставници на институциите и меѓународната заедница.

Во своето обраќање, Божиновска истакна дека подготовките за COP31 се можност за утврдување јасна национална позиција за енергетската и климатската иднина, заснована врз реалните можности на земјата, науката и потребите на граѓаните.

„Енергетската транзиција е суштински дел од нашата одговорност. Нашата обврска е да создаваме услови за почиста енергија, а истовремено да обезбедуваме сигурен и функционален енергетски систем. Секоја промена мора внимателно да ги земе предвид потребите на стопанството и можностите на домаќинствата“, порача министерката.

Таа рече дека приоритетите на Министерството се насочени кон развој на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и модернизацијата на енергетскиот систем. Зголемувањето на производството од сончеви и ветерни електроцентрали, нагласи Божиновска, треба да биде проследено со инвестиции во електроенергетската мрежа, складирање енергија и подобро управување со производството и потрошувачката.

Осврнувајќи се на приоритетите на претседателството со COP31, министерката ја посочи и иницијативата „35 до 2035“, која поставува цел електричната енергија да достигне 35 проценти од вкупната финална потрошувачка на енергија до 2035 година. Ова отвора можности за поширока електрификација на транспортот, греењето и индустријата, со примена на ефикасни технологии и зголемување на домашното производство од обновливи извори.

Посебен акцент во обраќањето беше ставен на праведната енергетска транзиција. Божиновска нагласи дека промените мора да бидат придружени со конкретни можности за работниците и локалните заедници, особено во регионите чија економија традиционално е поврзана со јагленот.

Преку Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, Министерството работи на поврзување на националните проекти со меѓународна финансиска и техничка поддршка, со цел отворање можности за нови инвестиции, преквалификација на работниците и економска диверзификација на засегнатите региони.

Божиновска истакна дека климатската амбиција добива вистинска вредност кога зад неа стојат подготвени проекти, одржливо финансирање и институции способни да ги спроведат преземените обврски. Притоа, посочи дека за земјата е особено важна меѓународната поддршка за реализација на енергетските и климатските приоритети.

Националниот дијалог организиран од UNDP претставува платформа за размена на ставови и усогласување на приоритетите меѓу институциите и останатите релевантни чинители, со цел земјата на COP31 во Анталија да настапи со јасна национална позиција и конкретни приоритети за енергетската транзиција и справувањето со климатските промени.

Текстот Божиновска: Енергетската транзиција мора да обезбеди сигурност и нови можности за економски развој е превземен од МАКФАКС.