
Небото се отвори, денеска водите мирно течат, Бог се јави. Православниот христијански празник Богојавление водици, годинава се чествува на поинаков начин за разлика од годините наназад. Додека претходно голем број на верници со голема храброст, на минусни температури, скокаа по светиот крст, во студените води на реките ширум државата, оваа година традицијата изостана, но не и молитвите и пораките од верниците.
Во градската црква Свети Никола во Општина Штип, верниците можеа да дојдат и да си земат светена вода за во своите домови. Светиот крст не се потопи во водите на река Брегалница, но се потопи во садовите во самиот хран. Граѓаните кои беа овде ги почитуваа мерките и протоколите за заштита од Ковид-19, со надеж дека догодина ќе се одржи традицијата стара 30 години, и повторно крстот ќе биде потопен во водите на река Брегалница.
Потопувањето на светиот крст во водите го означува самото крштение телесно на Господа, со неговото доаѓање пред свети Јован и се поклони и ја приклони својата глава кон св. Јован за да го крсти. Тоа е симболиката на потопувањето на чесниот крст во водата.
Богојавление Водици е празник кој менува ден но не и дата. Секоја година се празнува на 19 јануари. Пред секој поголем христијански празник, претходат пости, но поради краткиот период од завршетокот на претходните пости по повод Христовото раѓање, за Богојавление строг пост беше само вчерашниот ден.
Лаура Стојанова М-Нет