
На неколку дена пред 8 Март – Денот на жената, трговците и одгледувачите ги нудат најубавите цвеќиња за подарок. Цвеќе преку целата година може да се најде во цвеќарниците, но пред овој ден со ваква понуда се и поголемите маркети, но и зелените пазари од Истокот. Сѐ се бара, велат тамошните продавачи, кои имаат богата понуда. Посочуваат дека вистинските љубители на цвеќе повеќе купуваат цвеќиња во саксија отколку букети, кои се краткотрајни.
„Сите цвеќиња се убави барани, цвеќе нема никогаш лошо, сѐ е убаво. Има примула, красула, љубичица, бегонии, има многу врсти на цвеќе да се најде. Овие јагликите, на пример, тоа е прво цвеќе и сега почнува и не мрзне. Повеќегодишно цвеќе е, сега цвета, преку летото е само зелена, сега пак цвета, пролетта си излезе. Тоа е и скромно според нашиот стандард, ние си имаме низок стандард, тоа е скромно според буџетот.“
Граѓаните имаат лоша навика да купуваат последниот ден. Продавачите, пак, посочуваат дека ако се купи порано, ќе се добие ем поквалитетно, ем поевтино.
„Поминуваат, земаат, веќе се ближи 8 Март. Ама нашиот народ секогаш трча последниот ден, а поубаво е навреме да си земат. Поквалитетно ќе одберат, поубаво. На пример, јагликата е од 3 за 100, 40 денара, до 50 денари веќе последниот ден.“
Праксата покажува дека луѓето на цвеќиња не штедат, ретко се ценкаат и за овој ден на најблиските им ги подаруваат најубавите цвеќиња.
Ребека Спасова М-Нет