Бесплатни канти ќе добијат жителите на „едносмерната“ – ЈП Исар воведува нов начин на менаџирање со отпадот

По три бесплатни катни за отпадоци ќе добие секои влез од станбените згради на улицата „Ванчо Прќе“. Граѓаните во наредниот период треба ѓубрето од своите домови да го собираат во соодветни вреќи и да го фрлаат во кантите, за екипи од ЈП „Исар“ да поминат и да го изѓубрат. Кантите од влезовите на станбените згради ќе се изѓубрува секое утро. Целта е да нема поставени контејнери на „едносмерната“ улица која од вчера е шеталиште. На таков начин подобро се менаџира и со отпадот во градот.

„Од денес започнуваме со еден нов модерен начин на изѓубрување и менаџирање на отпадот. Тоа значи дека станбените згради на улицата „Ванчо Прќе“ ќе добијат по три гратис корпи за отпадоци со цел за одлагање на комуналниот отпад. Граѓаните ќе треба да го собираат ѓубрето во нивните домови, да го соберат во вреќи да го одложат во кантите кои ќе ги дадеме ние и ЈП секое утро ќе врши изѓубрување на кантите. Целта е на улицата „Ванчо Прќе“ да нема контејнери и мини депонии за одлагање на отпадот“ – вели Зајков.

Директорот Зајков посочи дека од утринава разговарал со граѓаните, односно жителите кои живеат на оваа улица. Вели дека идејата е благо прифатена од нивна страна, со што ем ќе се намали ѓубрето на јавна површина ем улицата ќе го добие предвидениот изглед. За секое непочитување на ваквата одлука и фрлање на ѓубре граѓаните ќе бидат санкционирани.

„Комуналните редари ќе бидат целодневно на терен и ќе се санкционира секое одлагање на комунален или било каков отпад на јавни и прометни површини“ – додава Зајков.

Улицата „Ванчо Прќе“ од вчера е затворена, односно е пренаменета во шеталиште. Поставена е и летна сцена за забава на сите генерации. На почетокот и крајот на едносмерната е воведен двонасочен режим на сообраќај, а пуштена е во употреба и втората катна гаража.

Лаура Стојанова М-Нет