Беласица ќе бара нов тренер – Александар Стојанов поднесе оставка, кој ќе биде негов наследник?

Второлигашот Беласица од Струмица ќе добие нов тренер како наследник на Александар Стојанов, кој по поразот во Кочани од Осогово од 3:1 презеде одговорност и поднесе оставка.

Инаку, оставката доаѓа по двата порази во низа на струмичани, откако претходно дома загубија од Шкендија Арачиново, а овој викенд во меч од осмото коло и од Осогово.

Сепак, иако Беласица доживеа два последователни порази и натаму е при самиот врв со 16 бодови е на третото место со четири бодови негатива од водечките Брегалница и Шкендија Арачиново.

Од струмичкиот клуб информираат дека двете страни спогодбено се разделиле, а двете страни се договориле соработката да биде прекината во интерес на тимот и амбициите оваа сезона. Сепак, Стојанов не го напушта клубот целосно, ќе остане дел од раководните структури во клубот.

Пред раководството на Беласица сега е прашањето кој ќе го наследи Стојанов, кој ќе биде нов тренер на Беласица. Едно е сигурно, струмичани ќе бараат одлично тренерско решение бидејќи новиот тренер ќе има предизвик да ја исполни целта – влез во Прва лига.

Следниот викенд нема да има фудбал поради локалните избори, тоа ќе биде дополнително време за управата на Беласица да изнајде решение за испразнетото тренерско столче, а дополнително новиот тренер ќе има повеќе време за да може да ја запознае екипата и да ја подготви за следниот меч односно за неговото деби.

Александар Ванев, М-Нет