Ампева: Штипската текстилна индустрија може да стане шведски Борос, но нема социјален дијалог

Социјалниот дијалог е примарниот начин за тоа како текстилната индустрија може да се претвори во успешен бизнис модел. Ова е ставот на претседателката на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, која како пример за вакво нешто го покажува градот Борос во Шведска. Таа вели оти таму ситуацијата била катастрофална, но успеале да се изборат да станат број еден во однос на текстилот. Кај нас, пак, иако ситуацијата е далеку подобра, од Борос сме сѐ уште далеку, вели таа, оти надлежните избегнуваат да бидат дел од социјалниот дијалог.

„Седнале сите на маса и почнале да разговараат, значи имале социјален дијалог којшто ние како земја, којашто го има потпишано документот кој е од шведската Влада, треба да седнеме на маса и да разговараме за проблемите, а не да избегнуваме. Драго ми е што има свесни работодавачи, има луѓе од коишто може да учиме, сметам дека не сме до тој стадиум, Борос, навистина, во шеесетите и седумдесетите години исто бил зависен како Штип, затоа велам дека е пандан. Таму тие морале да се иселуваат од самиот град од толку што била пропадната текстилната индустрија“, вели Ампева.

Поздравен говор имаше и шведската амбасадорка, Н.Е. Ами Ларсон Џеин, која посочи дека ваквите настани, како денешниот интернационален форум, се доказ дека и во земјава има интерес за градење силна и конкурентна текстилна индустрија

„Денешниот настан покажува дека во Штип има силна желба помеѓу бизнисот, работниците, како и Локалната самоуправа за да се изгради силна и конкурентна текстилна индустрија којашто демонстрира одржливост на овој сектор, висок квалитет, иновативни продукти, но и инвестиции за да бидат попрепознатливи во глобалниот синџир“, посочи амбасадорката Ларсон Џеин.

Штипскиот градоначалник, пак, посочи дека работодавачите треба да бидат поконкурентни на пазарот, а правата на работниците да бидат подобрени. Ваквите настани се една од алатките со кои може да се најде начин како да се стори тоа.

„Ги знаеме и веќе ни се познати проблемите, но и предизвиците коишто пред нас стојат, како да се подобрат правата на вработените во овој сектор, но како и да се овозможи сопствениците на капиталот во текстилната индустрија да се ребрендираат, да бидат поконкурентни на пазарот и со тоа да овозможат овој сектор да постои, но и да генерира развој во нашиот град. Се надевам дека ќе се преземат позитивни искуства од делегацијата од Шведска“, вели Јорданов.

Главна цел на денешниот интернационален форум беше презентација на падот и подемот на текстилната индустрија во градот Борос, а со можност за градење мрежа и соработка помеѓу Штип и Борос.

Ребека Спасова М-Нет