
Во период кога на повеќе места во државата гори, пожари се регистрираат и на депонии, кои потоа се прошируваат, се поставува прашањето како да се реагира и колку загаден воздух дишиме.
Управувањето со отпад е еден од најважните проблеми кои треба да се решат за да се намали расфрланиот отпад од една страна, но и можноста истиот да гори и да го загадува воздухот од друга страна. Иако источниот и североисточниот регион први во државата направија проекти за управување со отпадот, регионалната депонија кај Свети Николе сѐ уште не е изградена, па затоа се палат депонии, а со тоа се дриш загаден воздух, и многу отровни честички кои завршуваат во воздухот од горењето. Како што вели Дејан Мираковски, мора да се најде решение на проблемот со отпадот, а со тоа да се намалат и пожарите кои се појавуваат во депониите, но и во нивна околина.
„И ние сме од тие региони кои нема систем за управување со отпад, а меѓу орвите региони во државата источниот и североисточниот регион ги направија проектите, имаа проектна документација, има развиено планови кои треба да се реализира, има и средства, требаше да се изгради регионална депонија. А, неуправувањето со отпадот, значи отпад на сите старни, потоа тој отпад лесно се пали, гори, предизвикува пожари, имаме загаден воздух и загадени реки.“ – вели Мираковски.
Кога е во прашање Штип воздухот не е лош, иако последните две години се надминува бројот на денови со зголемен број на ПМ честички. Благодарение на ветерот и во зимскиот период Штип има чист воздух споредбено со други градови во државата.
„Штип има чист воздух и во текот на зимото благодарение на географската положба, на ветерот. Инаку во зимските денови кога нема ветер и Штип е загаден како и останатите градови.“ – додава Мираковски.
Иако оддамна се прават напори соодветно да се третира отпадот пред да заврши во контејнер или на депонија, значаен напредок нема – вели Мираковски. Додава дека мора сериозно да се работи на оваа проблематика со цел да се надмине проблемот и со палењето на депониите.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет