Ќе се реконструираат подот и трибините во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш, спортската убавица ќе добие нов сјај

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Во следниот период започнува реконструкција на СРЦ „25 Мај“ во Радовиш, оваа спортска убавица која е градена во поранешна Југославија ќе го добие својот сјај со тоа што ќе биде реконстуриран подот, како и трибините, за што рече директорката Лолита Арсова за М Нет телевизија.

Новиот под како што вели директорката ќе биде според ЕХФ стандарди, додавајќи дека сега постоечкиот под е само пластика и бетон.

На трибините сегашните столчиња ќе бидат заменети со нови фиксни столчиња со што капацитетот во големата сала ќе биде над 2.000 гледачи.

Околу самиот спортски објект уреден е дворот, а подобрени се условите во внатрешните простории каде е сместен пингпонкарскиот клуб Радовиш кој игра во Суперлигата, клубови во маи таи кикбокс и карате, вештачка карпа, а тука настапува ракометниот суперлига Радовиш, како и боречкиот клуб Бучим. Самиот спортски објект располага со многу простории, а тука е сместена и теретана која во следниот период ќе доби нов поголем простор во самиот спортски центар.

Претходно СРЦ „25 Мај“ беше домаќин на завршницата во одбојкарскиот Куп на Македонија.

Спортската сала во Радовиш е вистински спортски храм кој е пуштен во употреба во 1986 година, со вкупна површина од 3,968 м2. Самиот комплекс располага со голема сала со големина од 1.126 м2 и мала сала со површина од 400 м2 и капацитет од 160 гледачи.

Александар Ванев, М-Нет